Kako zalutav vo svetot na tenisot – crno belite sliki na Skopje

Redakcijata na Mali igrači se priklučuva na proslavata na 70 godini od postoenje na Makedonskata teniska federacija, prenesuvajki prikazni od minatoto. Vi gi prenesuvame vo celost dvata FB posta na Vladimir Petruševski.


КАКО ЗАЛУТАВ ВО СВЕТОТ НА ТЕНИСОТ

Е па, речиси случајно. Татко ми, во 1968, ми беше купил од Италија еден дрвен рекет Prima (самото име кажува дека е за почетници… во тоа време метални рекети и немаше, а графитни и композитни рекети беа мислена именка). И така, на 1 јуни 1968, со мојот прв комшија Кокан Бахчеванџиев, се запишавме да тренираме тенис во единствениот клуб во Скопје, ТК „Југ“. Ова беше правовремен потег, зашто истата година се збогував со Десетгодишното музичко училиште во кое завршив шест години, од кои последните две со големи маки. Така, излегов од светот на музиката (што, како што ќе се види подоцна, не било вистина) и влегов во светот на тенисот (што подоцна ќе се покаже како привид, оти никогаш не научив да играм асолно).

Нè запиша, значи, чичко Глигор и ни обрна внимание дека мораме да имаме прописни тениски патики, за да не ги ораме терените со шарите од другите видови патики и… ете сме, млади тенисери. Гледам малку поарно, кога, на тогашниот терен број 3, играат моите другари од соседниот клас, Тагас и Доксе.

Играв пред тоа малку пинг понг, па знаев дека топчето треба да се префрли од другата страна на мрежата. Не знаев како се сервира, немав претстава дека постои волеј итн., ама поднаучив во тек на моето членување во клубот. Интересно, подоцна уште неколку другари од мојот клас дојдоа да играат тенис (Глишо Папас, Боре Бамболе, покојниот Миле Тиквар…), па Југ се претвори во истурено одделение на ученици од Коле. Така значи почна… Инаку во клубот неколку години вежбаше и нашиот (и тој покоен) другар Владо Мандов – Мандо и беше, логично, најдобар од нашата генерација. Понекогаш ќе дојдеше и мој Сашо Калајџиевски (кој редовно ме тепаше на пинг-понг, а тенис игравме три пати од кои првите двапати го тепав со мака, а третиот полесно; веќе бев поднаучил да играм… Сашо, инаку, никогаш не тренираше тенис).

Вежбавме, вежбавме и јас прилично брзо напредував. Ако Мандо беше најдобар, ама и полупрофесионалец во однос на нас, јас бев (така барем се сметав) најдобриот од пацерите! Пацер, пацер, ам ич? Вака, така, дојде септември и од 5 до 8 септември таа година (1968, реков) се одржуваше републичко првенство во тенис, во сите категории. Ние бевме пионери (демек, не постари од 14 години). Покрај наброените во пионерска конкуренција учествуваа уште Ташко Вангелов, Милчо Гаврилски и Мики Николовски и… забравив им имината на другите.

Во младинска конкуренција фаворити беа Мики Лазовски и Тоше Николовски, а учествуваа и покојниот Тошо Пендар, Мандо (му дозволија да се натпреварува и во таа конкуренција) и уште некои „мени сасвим непознати типови“. Можеби да беше Боб Коцев еден од нив? Не знам баш, ама генерациски би можело да биде…

Во сениорска конкуренција беше најинтересно. Фаворити беа Сашо Панов, Славчо Ночев, Јовица Лазовски и Милутин Ѓуровски – Уте (освен Ночко, другите покојни). Уте ни беше, инаку, и тренер во тениската школа што се отвори тоа лето. Покрај нив, во сениорска конкуренција сериозни играчи беа уште Владимир Пота, Дане Трпковски (покоен) и јуниорите Мики Лазовски и Тошо Николовски.

Сабајлето на 5 септември, турнирот започна, откако два дена пред тоа се изврши жребањето. Мандо на челу, ја на зачељу, во пионерска конкуренција. Уште двајца предвидени полуфиналисти беа Доксе (во горната) и Ташко (во долната половина). Кај јуниорите Мики на челу, а Тоше на зачељу, а програмирани полуфиналисти беа уште Мандо и Пендар.

Се разбира, за останатото (вклучително и за натпреварите во сениорска конкуренција) во утрешното возбудливо продолжение.

Blagodarnost do semejstvoto Trpkovski za dobienite fotografii – TK Jug, teren 3 i teren 5


КАКО ЗАЛУТАВ ВО СВЕТОТ НА ТЕНИСОТ 2: РЕПУБЛИЧКОТО ПРВЕНСТВО ВО ТЕНИС 1968

Луѓето што во тоа време играа тенис или доаѓаа во „Југ“ денес се дружат без проблеми меѓу себе. Ама тогаш имаше битни разлики. На пример, ние бевме дечишта на 13-14 години, Мики и Пендар имаа накај 18, а Јово, Ночко, Пота, Дане… накај 21-22. Разликата што денес е небитна, тоа време беше многу битна. Ова не треба во ниту еден момент да се изуми, за да бидат јасни некои „нус појави“ што мене многу ми пречеа.

Почна, значи, републичкото првенство во тенис на СР Македонија, 1968, во сите категории. Имаше и жени, се разбира, иако не премногу. Се натпреваруваа само во сениорска конкуренција: Василка Мандова, Донка Мандова, Мира Исајловска и Виолета Стамболиева. Мојата школска другарка, покојната Гордана Тасевска (Чавче) беше почетник и не се натпреваруваше.

„Нова Македонија“ реферираше секој ден за случувањата на терените на „Југ“, почнувајќи од 6-ти септември. Имаше кратка колумна, озаглавена „Без изненадувања“, во која се кажуваше дека фаворитите ги поминале првите пречки, како што и било очекувано. Навистина, кај сениорите разликата меѓу осумтемина што ги спомнав вчера и другите беше огромна. И така, со понекој изгубен гем (што може да беше и „подарен“), фаворитите си тераа право до четвртфиналето. Вториот ден, „Нова Македонија“ излезе со храбра прогноза, озаглавена во спортскиот дел како „Ночев, Пота или Панов?“, за потоа да елаборира дека „…овие тројца играчи досега покажаа најсигурна игра и меѓу нив треба да се бара идниот шампион во тенис на Македонија“. Прогнозата беше храбра и… глупава, зашто тројцата беа во долната половина на жребот, па само еден од нив би можел да стигне до финалето, каде што ќе има сигурно и друг квалитетен играч, ама… Тие се новинари, а не тенисери, па нивните комбинации и непознавања на спортот доведуваат до тоа.

Четвртфиналните двојки беа (ако добро помнам) Уте Ѓуровски–Тошо Николовски, Јовица Лазовски–Дане Трпковски, Славчо Ночев–Мики Лазовски и Владимир Пота–Сашо Панов (ако нешто сум утнал, евентуално, Мики и Дане би требало да ги заменат местата во жребот… сето друго ми е аслИ меморирано). Уте победи лесно (6:1; 6:3 што и не е за чудење, зашто Тоше беше негов пулен, па точно му ги знаеше слабите точки), Јовица и Ночко исто така лесно се пласираа во полуфиналето, а „крвава борба“ имаше меѓу Пота и Панов. Панов не беше тренирал извесно време, па Пота можеше да очекува дека тој неиграчки хендикеп на Сашо ќе оди во негова полза, ама не… Панов во три сета го победи Пота. Утредента во „Нова Македонија“ осамна заглавие „Пота елиминиран“ и потоа имаше нашироко раскажување дека „Владимир Пота, кој беше голем оптимист и тврдеше дека доколку го победи Панов, ќе го освои турнирот, е елиминиран од натамошните натпревари“. Помнам дека мојот имењак беше сериозно изнервиран од новинарските извртувања, зашто вистината била малку поинаква. Го прашале, дали би можел да го освои турнирот? Да, бил одговорот. Кој е условот за да го освоите? Би морал да го победам Сашо Панов. Ете така било тоа. Новинари што не препознаваат кондиционал сме имале уште тогаш!

Во полуфиналињата (кои, како и финалето, се играа во три добиени сета) се сретнаа Уте и Јово (горна половина) и Ночев и Панов (во долната). Јово (и покрај лошото држење на рекетот што Уте цел живот му го забележуваше: „Ко лопата го држи!“) го елиминираше Уте во три сета (6:1; 7:5; 6: 3 – гарантирам за резултатите ама не и за редоследот). Второто полуфинале беше маратонско, во пет сета и победи Ночко (постојано беше храбрен „Ајде бате, уште една бате!“ од неговиот постар брат и дубл партнер, Дарко, кој беше во публиката). Така во финалето се сретнаа Јовица Лазовски и Славчо Ночев.

Нова Македонија во понеделникот сабајлето (зашто сите натпревари ги планираа така што финалето да биде во недела, демек на 8 септември), излезе со извештај „Јовица Лазовски, нов републички првак! Ни збор не спомнаа за претходните тра-ла-ла прогнози. Рекоа дека Ночев го добил првиот сет, па Лазовски изедначил, а потоа неочекувано го добил и третиот сет, па „изнервираниот Ночев не можеше да пружи посилен отпор во четвртиот сет кој повторно го доби Лазовски и ја освои титулата“.

Во меѓувреме започна и финалето во младинска конкуренција, каде Мики Лазовски и Тошо Николовски ги одмеруваа силите. Во третиот сет, при водство на Тоше од 3:2, помнам дека истури еден летен дожд и ги преплави сите терени, па мечот беше прекинат. И ова беше одбележано во весникот кој спомна „Доколку Мики Лазовски ја освои титулата, тоа ќе биде своевиден куриозитет, зашто двајцата браќа Лазовски ќе ги освојат титулите и во младинска и во сениорска конкуренција“. Така и бидна. Претпладнето, инаку се одигра финалето во машки двојки, каде Ѓуровски и Панов ги совладаа браќата Лазовски и се закитија со титула.

Да напоменам дека Јово играше стилски лошо, ама многу успешно. За разлика од него, Мики брат му играше школски убав тенис. Секој покрет беше како да си го пресликал од книга за тенис (нешто врз што Уте многу инсистираше). Мики играше ала Федерер. Истата убавина во покретите и којзнае што ќе се случеше во македонскиот тенис ако Мики (кој наредната година ги тепаше сите сениори онака, ко на тренинг) не пројавеше срцеви проблеми, па беше принуден да го остави тенисот. Толку за големите.

Во пионерска конкуренција се сретнавме со Ташко Вангелов во полуфиналето. По тешка и неизвесна борба, во првиот сет, го добив сетот 6:5. Не е грешка, тогаш во пионерска конкуренција се играше така: кој прв ќе стигне до 6. Ова го разочара Ташко кој веруваше дека ќе играме на разлика од два гема (како што беше и во сите други конкуренции), па падна во играта во вториот сет и јас отидов во финалето. Во другото пионерско полуфинале, Мандо го подбра Доксе со 6 : 2; 6 : 0 и се сретнавме, во неделата претпладне, во финалето. Тамо ме је растурио ко беба звечку (6 : 0; 6 : 1), така што на моменти ми се плачеше од сопствената беспомошност. Бидна и тој мој прв турнир! Во женска конкуренција титулата ја освои Василка Мандова, која во финалето ја победи сестра си Донка Мандова. Ете, и Мандови се закитија со две титули, ама НМ тоа не го прогласи за куриозитет… Можеби поради скромната конкуренција кај жените (вкупно 4 натпреварувачки).

Патем, сега ми текна дека во пионерска конкуренција имаше уште едно момче (Сашко Делиниколов), ама не помнам со кого играше тој. Делиниколов стана добар играч подоцна, кога покојниот Васо Апостолов (професионален тренер во Германија) ги зеде и него и Владимир Деспотовски под свое, како млади играчи.

А што беше она од почетокот што не требаше да се изуми? Е па, постарите тенисери (не сите, ама Јово и Пота во прв ред) очекуваа ние да им бидеме измеќари. Да ги чистиме и подготвуваме терените, да им собираме топчиња и слично. Јас тоа никогаш не го прифатив бидејќи ме навредуваше начинот на кој тоа сакаа да го постигнат. Така, излегов невоспитан (како што еднаш мојот денес драг пријател и имењак, Владимир Пота, ми кажа во тој период). Интересно, еден од (привидно) најгрубите тенисери, Дане Трпковски (Масерот) никогаш не настапил кон нас на таков начин. Можеби затоа што вистинските бандити и беспризорници од Дебар Маало мочаа фирнајс пред него, кога ќе се подналутеше и кога ќе им зарежеше; Дане, едноставно, немаше потреба да им се докажува на младите тенисери на таков начин. Многу коректен кон нас беше и Ночко

Вака одеа (малку збрда–здола) работите во тенисот во таа септемвриска есен, 1968. Знам дека на турнирот учествуваше и Славе Биљбиљ (и изгуби во првото или во второто коло), Јосе Ивановски (кој изгуби во второто коло од Јовица 6:2; 6:2), веројатно и Власто Гламочанин… ама ете, за Власто имам темница во главата, и покрај тоа што ми е добар пријател. Само Госпо знај, по кој систем го помнам она што го помнам и зошто ли го помнам… Со резултати и со други глупости…

Така кај нас, а во исто време на Блискиот Исток, Арапите почнаа да ја чачкаат мечката и започнаа со бомбардирање од другата страна на Суецкиот Канал… ова е дигресија и тоа за инает на сестра ми Епол!

Kaj Slave Biljbilj – TK Jug


Детаљније Kako zalutav vo svetot na tenisot – crno belite sliki na Skopje


Огласи



Оставите одговор

Ваша адреса е-поште неће бити објављена. Неопходна поља су означена *

Оставите одговор

Ваша адреса е-поште неће бити објављена. Неопходна поља су означена *